IMG_17891

Партнерства за развој и Финансиска Одржливост – Индија

На 4ти, 5ти и 7ми ноември, се одржа обуката: Партнерства за развој и Финансиска Одржливост, која беше дел од проектот Интегративен пристап за одржливост, поддржан од AdoptionsCentrum, од Шведска.

Групата беше составена од вработените во Prayas- Juvenile Aid Centre и Naz Foundation, од Њу Делхи, Индија. Дел од нив беа едукатори, а останатиот дел беше менаџерскиот тим на организациите, вкупно 25 учесници.

Главно акцентот на обуката беше ставен на градење на капацитетите за креирање на партнерства за развој, знаења и вештини од областа на идентификување, етаблирање и одржување на партнерства, преговарање како врзувачки елемент насочен кон подигнување на самодовербата, со цел реализиација на зацртраните цели. Комбинацијата од вежби и внимателно дозиран теоретски инпут, повторно се покажа како успешна во процесот на учење на применливи вештини, особено развивајќи ги оние клучни вештини кои што ги направија спремни учесниците за примена на истите дури и во нивниот приватен живот. Делот од обуката за Финансиска Одржливост беше особено корисен за оние кои активно работат на прибирање на средства во организациите. Воедно сите останати можеа да научат како тие како индивидуи можат да придонесуваат кон градење на финансиската одржливост.

Групата беше исклучително активна во процесот на учење, споделуваа професионални и лични искуства со остатаните членови на групата, со ентузијазам ги прифаќаа дадените задачи, учествуваа активно во дискусиите.

Повеќе слики може да видите на нашата facebook страна.

Одржливи интервенции на локално ниво за интеграција на младите Роми

На 11.11.2014г. ќе се одржи работилница на тема Улогата на локалната заедница и ромските здруженија на граѓани во остварување на одржливи интервенции на локално ниво за интеграција на младите Роми, која е дел од проектот Програма за застапување и лобирање за млади Роми активисти во граѓански организации, поддржан од Европска младинска фондација.

Работилницата ќе ја посетат преставници од општините каде делуваат организациите кои се вклучени во овој проект, а тоа се општина Куманово, Општина Тетово и Општина Шуто Оризари, како и претставници од Град Скопје.

Целта на еднодневната работилница е да се разгледаат можности за соработка помеѓу организациите и општините во насока на подобрување на положбата на младите Роми на локално ниво, а ќе бидат презентирани и можности за прибирање на средства како и придобивките од меѓусебното партнерство во овој процес.

Повик за учество на обука за застапување и лобирање

Центар за неформално образование Триаголник, со поддршка на European Youth Foundation, го спроведува проектот Програма за застапување и лобирање за млади Роми, активни во граѓанскиот сектор.

Во моментов се одвиваат информативни средби со граѓанските организации и во тек е процесот на селекција на учесници за бесплатната обука.

За таа цел ве повикуваме да номинирате преставници од вашата организација да земат учество во програмата.
Условите за учество се следниве:

  • учесниците во програмата да бидат од Ромска националност, до 25 години (можни се извесни отстапки до 30г), подготвени активно да се вклучат во сите фази на програмата;
  • младите да бидат активни членови во организацијата која ги номинира;
  • организацијата која нoминира да работи со млади Роми на територија на Скопје и Куманово и да биде подготвена да им обезбеди услови на учесниците кои ги номинирала да го пренесат стекнатото знаење на останатите членови во нивната организација.

Пријавувањето на учесниците трае до 5 септември, со пополнување на апликација за учество и испраќање на: elena.dzartovska@triagolnik.org.mk 

Обуката е бесплатна. Патните трошоци за предавањата ќе бидат подмирени во висина на автобуски билет. За секој од учесниците предвиден е еден оброк и кафе пауза. На крајот на програмата учесниците и организацијата добиваат прирачник за застапување и лобирање. Секој учесник добива сертификат по успешно завршување на сите фази од програмата (обука-пренос на знаење- практична работа).

Работен јазик е македонски, а предавањата ќе се одвиваат во Скопје.

Деталната програма за обуката можете да ја преземете тука.

Проектот има три фази кои ќе се спроведат од Септември-Декември 2014г.:

  • Бесплатна 3-модуларна обука за застапување и лобирање за млади Роми активни во граѓански организации и еднодневна работилница со локални власти;
  • Пренос на знаењето од обуката во организацијата која ги праќа учесниците;
  • Практична работа, развивање на предлог кампањи за застапување и лобирање, кои ќе се работат под менторство на искусни ментори;

Подетални информации може да добиете на: elena.dzartovska@triagolnik.org.mk

Први дипломирани младински работници!

На 14.06.2014 на Универзитет на Југоисточна Европа, се одржа свеченото доделување на дипломите на студентите по Лидерство и младинска работа. За време на овие тригодишни студии, студентите се стекнаа со компетенции, знаења и вештини, од различни области, како работа со индивидуи, работа со групи, работа со адолесценти како и конкретни знаења и вештини по предметите за младинска работа (младинска работа и општеството, здравјето и младинската работа итн).  Целосната програма на студиите за Лидерство и младинска работа во заедницата можете да ја видите тука.

Програмата за овие додипломски студии по младинска работа е креирана врз основа на истражувања, анализи за потребите на младите, земајќи ги во предвид најгорливите проблеми и предизвици со кои се соочуваат младите луѓе во Македонија.

На оваа студиска програма напорно работеа Центар за неформално образование Триаголник во соработка со Универзитетот на Југоисточна Европа, Универзитет Јончепинг од Шведска во консултации со Универзитетот од Болоња и Универзитот од Љубљана и истата беше акредитирана во 2010та година.

Младинските работници се професионалци кои ги имаат потребните знаења, вештини и компетенции да можат да им обезбедат структуирана поддршка на младите луѓе преку која тие ќе си го најдат своето место во средината,  многу полесно и многу побезболно, што би значело соодветно вложување и грижа за младите луѓе кои се иднината на секоја држава. Овие професионалци се потребни во секоја институција, организација која работи со млади луѓе.

IMG_1407

Обучени за преговарање

На 24ти и 25ти мај, од 9:30 до 16:30, се одржуваше обуката за преговарачки вештини преку која учесници ги научија главните елементи на процесот преговарање. Обуката траеше вкупно 12 часа, исполнети со теоретски инпут, квалитетни дискусии и практични вежби.

Исклучителниот теоретски инпут, практичните вежби и квалитетните дискусии придонесоа да се воспостави функционална врска помеѓу обучувачот и групата со што процесот на учење беше продуктивен и резултатите беа одлични. Задоволството на учесниците беше очигледно и истакнаа дека на оваа обука се стекнале со вештини чија примена веднаш можат да ја лоцираат.

Користената методологија на неформално образование преку која учесниците беа дел од симулации во кои имаа улоги на преговарачи, вежбаа преку обиди и грешки, споделуваа идеи, искуства и ставови овозможи да се одржи пријатната атмосфера, која беше идеална за учење, како од обучувачот така и едни од други и сега се спремни да преговараат!

presentation skills

Уште една успешно завршена обука!

Изминатите два викенди, на 10ти, 11ти, 17ти и 18ти мај, се одржуваше обуката за комуникациски и презентациски вештини.
Комбинацијата од внимателно структуираните вежби, квалитетниот фидбек и пријатната атмосфера преку која се овозможи сите учесници да се чувствуваат мотивирани за активно да учествуваат во процесот на учење и во предизвикувачките дискусии, повторно се покажа успешна. Оваа обука опфати 24 работни часа кои дадоа резултати, учесниците беа задоволни од стекнатите вештини и ги оценија како особено применливи во нивните секојдневни активности.

Од мој агол:

Доколку сметате дека никој не ве разбира, не ви „иде муабетот“ или постојано сте во некој вербален конфликт, препуштете им се на стручните лица во Триаголник тоа да го решат!- Анета Спиревска, учесник на обуката

Елементи за развивање на ЕУ проекти како дел од програмата Хоризонт 2020

На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, на 17ти мај се одржа работилница на тема: Елементи за развивање на ЕУ проекти како дел од програмата Хоризонт 2020.

Работилницата беше наменета за наставниот кадар (професори и асистенти) и група на студенти од универзитетот, 
овозможи тие најпрво да се запознаат со европските фондови, да научат да ја користат логичката рамка и да се здобијат со структуирани информации за методологијата за развивање на проекти кои би биле финансирани од европски програми, со посебен акцент на програмата Хоризонт 2020.

Организацијата на вакви работилници од страна на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ е во насока со нивните заложби за зајакнување на капацитетите на нивниот кадар за искористување на европските фондови и ваквите настани и понатаму ќе бидат поддржани од Центар за неформално образование Триаголник.

Стратешко планирање за ЈУ Завод за социјални дејности

Центар за неформално образование Триаголник  го спроведува стратешкото планирање на ЈУ Завод за социјални дејности. Нашиот тим од консултанти и раководството на заводот посветено работат на креирање на тригодишен стратешки план на заводот. Уникатниот модел на стратешко планирање кој ние го имаме разработено е базиран на резултати и во овој случај се моделира по мерка на заводот, внимателно ги детектира најчестите потешкотии при планирање кои влијаат врз реализација на плановите, ги елиминира истите и на тој начин гарантира максимална реализација на плановите и остварување на стратешките цели.

ЈУ Завод за социјални дејности во Скопје како основно координативно тело на човечките капацитети во доменот на социјалната заштита во нашата држава, ја увиде потребата од стратешко планирање. Потребата од стратешка насока најмногу произлегува од сложеноста и бројноста на активностите кои ги спроведува заводот. Воедно, со последните законски измени се очекува да се зголемат активностите и одговорностите на заводот па со тоа обемот на работа ќе биде уште поголем и уште повеќе ќе биде потребно негово стратешко позиционирање, за да се обезбеди континуитет и структуирана насока по која што заводот би се развивал и би одговорил на предизвиците со кои се соочува.
До крајот на оваа година Триаголник ќе спроведе стратешко планирање и во ЈУ Завод за згрижување, воспитување и образование на деца и младинци ,,Ранка Милановиќ,, (Скопје), ЈУ за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми „25-ти Мај“  (Скопје) и во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца (Битола).

Innovation

ЈА ИЗБРАВМЕ НАЈИНОВАТИВНАТА ИДЕЈА ЗА ОБУКА!

InnovationВо периодот од 25 март до 27 април имавте можност директно да ги споделувате вашите иновативни идеи за обука во рамките на изборот за најиновативна идеја за обука, Мисли иновативно, сподели идеја за обука.  Во едукацијата секогаш се потребни иновации и идеи од оние за кои е наменета и затоа решивме да ја поттикнеме вашата иновативност и ви овозможивме да го дадете својот придонес. Добивме голем број на идеи и особено ни е драго што максимално ја искористивте дадената можност  и активно се вклучивте во осмислувањето и креирањето на својот развој.

Најиновативната идеја за обука која ја избравме е следнава: Критичко размислување.
Идејата е на Елена Здравеска, студент од трета година на институтот за социјална работа и социјална политика. На Елена ѝ врачивме признание за иновативност.

Оваа идеја за обука наскоро ќе стане дел од нашата понуда на обуки и ќе биде достапна за сите оние кои сакаат да го развиваат своето критичко размислување.

Процесот на учење го движи вашата љубопитност, нашата експертиза и знаење, а клучна е заедничката соработка која што ја остваривме. Соработката е таа што ќе ни овозможи и понатаму да одговараме на предизвиците со кои се соочувате. Ви благодариме на сите на придонесот во изборот!

IMG_1308

Триаголник на саемот за образование и кариера

Центар за неформално образование Триаголник, учествуваше на саемот за образование и кариера кој се одржа во периодот од 10ти април до 12ти април.

На овој саем ги презентиравме услугите кои ги нудиме за бизнис секторот, граѓанските организации и институции, но воедно и обуките за индивидуи. Оние кои се заинтересирани за надградување на своите лични вештини, ги изненадивме со саемска понуда, попуст од 50% на двете обуки: Комуникациски и презентациски вештини и Асертивност и градење на самодоверба.

Средбата со посетителите на саемот придонесе да воспоставиме директен контакт со потенцијалните корисници на нашите услуги и  овозможи тие да се информираат за услугите кои ние ги нудиме и воедно да ги изнесат своите потреби, во однос на нивниот понатамошен личен и професионален развој.

Значаен беше контактот со странските универзитети кои беа излагачи на овој саем и за кои беше навистина интересен нашиот начин на работа, особено нашата процесна ориентираност кон развивањето и зајакнувањето на капацитетите како на индивидуите така и на бизнис секторот, организациите и институциите.

Освен можноста да се пријават на некоја од обуките, оние кои го посетија нашиот штанд имаа можност да ги споделат своите иновативни идеи за обука и да учествуваат во изборот на најиновативна обука кој е сеуште во тек.