Триаголник меѓу студентите
Во периодот февруари-март, Центар за неформално образование Триаголник, активно се вклучи во директна комуникација со студентите од ФИНКИ, ФЕИТ, Европски Универзитет и студентите од Институт за социјална работа и социјална политика. Преку работилници им се овозможи на дел од студентите на претходно споменатите факултети да им се зголемат капацитетите за вработување, развивајќи вештини кои се важни во процесот на вработување.
На настанот Денови на кариера, кој се одржа на 22.02.2014, на техничкиот кампус, Триаголник ја спроведе работилницата на тема: Како да го користиме говорот на тело при интервју за работа. Поголем број од присутните учесници беа студенти на технички науки и особено значајно беше тоа што тие успеаа да увидат дека и невербалната комуникација, конкретно говорот на телото е од исклучителна важност. Учесниците активно се вклучуваа, споделуваа искуства, даваа примери, и како најважно ја лоцираа примената на добро избалансиран говор на тело при интервју за работа. Сега знаат кои се оние невербални сигнали кои што можеме да ги пратиме несвесно, но кои не би требало да ги испраќаме додека сме на интервју за работа, воедно како да внимаваме на нив и како да ги контролираме. Благодарение на активноста на групата процесот на учење беше успешен.
На саемот организиран од студентската организација Контакт, во периодот од 19.03.2014 до 21.03.2014, се вклучивме во неофицијалниот дел од саемот, во кој одржавме работилници на следниве теми:
• Како да напишете професионално CV
• Како до успешно интервју за работа
• Како да ги подобрите своите презентациски и комуникациски вештини
Целта на овие работилници беше да се поттикнат студентите да ги развиваат овие вештини, со цел на официјалниот дел од настанот кога ќе имаат можност да се сретнат со идните работодавачи, да можат да остварат поефективен контакт со работодавачите, но воедно и да ја искористат можноста да увидат на што е потребно да поработат повеќе во иднина и да се подобраат. Со знаењето со кое се стекнаа тие можат да го подобрат своето CV и со тоа да ги зголемат своите можности за да добијат интервју за работа, на кое што сега знаат кои се оние работи на кои најмногу работодавачите обрнуваат внимание. Преку различни вежби тие пробаа да го креираат својот бренд, ги увидоа грешките кои обично се прават на едно интервју, воедно започнаа да размислуваат подетално во однос на презентирање на самите себе и на своите карактеристики кои ги издвојуваат од толпата.
На Европски Универзитет со студентите од трета година, на 26.02.2014, кои студираат правни науки одржавме работилница за Асертивност. На истата тема беше и работилницата за студентите од трета година на Институт за социјална работа и социјална политикa. Имавме две активни групи кои со помош на вежба утврдија кој пристап обично тие го користат, ги увидоа придобивките и недостатоците од истиот, воедно научија да применуваат една од техниките за асертивна комуникација. Терминот асертивност беше разјаснет и од истиот произлегоа многу идеи и примери за тоа како стануваме помалку асертивни во текот на животот, што учесниците на работилницата на социјална работа и социјална политика напоменаа дека тоа знаење многу ќе им помогне за полесно да ги разберат луѓето со кои понатаму се очекува да работат.
На секоја од споменатите работилници работевме по методологијата на неформално образованиe, што значи дека студентите беа максимално вклучени, споделуваа идеи, дискутираа,работеа индивидуално, работеа во група, играа улоги и со спроведување на секоја од вежбите овозможивме процес на искуствено учење кој придонесува и понатаму овие луѓе да го избираат Триаголник.