Први дипломирани младински работници!

На 14.06.2014 на Универзитет на Југоисточна Европа, се одржа свеченото доделување на дипломите на студентите по Лидерство и младинска работа. За време на овие тригодишни студии, студентите се стекнаа со компетенции, знаења и вештини, од различни области, како работа со индивидуи, работа со групи, работа со адолесценти како и конкретни знаења и вештини по предметите за младинска работа (младинска работа и општеството, здравјето и младинската работа итн).  Целосната програма на студиите за Лидерство и младинска работа во заедницата можете да ја видите тука.

Програмата за овие додипломски студии по младинска работа е креирана врз основа на истражувања, анализи за потребите на младите, земајќи ги во предвид најгорливите проблеми и предизвици со кои се соочуваат младите луѓе во Македонија.

На оваа студиска програма напорно работеа Центар за неформално образование Триаголник во соработка со Универзитетот на Југоисточна Европа, Универзитет Јончепинг од Шведска во консултации со Универзитетот од Болоња и Универзитот од Љубљана и истата беше акредитирана во 2010та година.

Младинските работници се професионалци кои ги имаат потребните знаења, вештини и компетенции да можат да им обезбедат структуирана поддршка на младите луѓе преку која тие ќе си го најдат своето место во средината,  многу полесно и многу побезболно, што би значело соодветно вложување и грижа за младите луѓе кои се иднината на секоја држава. Овие професионалци се потребни во секоја институција, организација која работи со млади луѓе.