logo_116

Гостувања на 24Вести

Честопати известуваме за нашите активности преку записи и апдејти на нашата страна, овој пат имате можност да видите конкретни видеа од наши гостувања во 24Вести телевизија. (видеата можете да ги погледнете со кликање на линковите подолу)

 

Програма за волонтери

Во текот на месеците мај и јуни  се одржа обуката за волонтери, преку која волонтерите се стекнаа со применливи вештини и знаења на три теми, клучни за целокупната работа на Триаголник. Обуката се состоеше од 3 тематски целини кои произлегуваат од главните активности кои што ги спроведува Триаголник, кои се:

  1. Стратешко планирање (Дефинирање на стратегија, SWOT анализа, Стратешки менаџмент, Визија, Мисија)
  2. Иновативност ( Дефинирање на основни поими од иновативноста , Иновативен менаџмент, Организациски систем за иновирање)
  3. Проектен менаџмент (Проектен циклус со секоја фаза подетално разработена)

Неколку од волонтерите од месец септември ќе можат да ги применуваат вештините преку волонтерска работа во Триаголник.

Повик за учесници на курс за лидерство, во Лондон

MomentumWorld, организација од Лондон организира курс за млади лидери, на кој што ќе учествуваат двајца млади лидери од Македонија. Курсот се имплементира од 2010 година и претставува учење преку иновативна, интензивна, интерактивна програма која е комбинирана со интересни социјални активности и посети како што е посетата на  Парламентарната зграда, посети на компании, организации во Лондон, фантастична бродска забава и крстарење по реката Темза.

Што добивате?

Учесниците на овој тренинг ќе се здобијат со разбирање на нивниот личен лидерски стил, кариера, амбиции и мотивација и кои се следните чекори што треба да ги преземат за нивен кариерен напредок. Искуствата од минатогодишните тренизни се одлични и честопати учесниците кажуваат дека успеале да најдат ново вработување, нови идеи, достигнале повисоко ниво на самосвесност и секако создале нови пријателства.  Вештините и знаењата кои се развиваат за време на оваа тренинг програма најчесто се достапни само за професионалците во корпоративниот сектор во Велика Британија.

Едукатори: Покрај тимот на  Momentum, (партнерска организација на Триаголник), еден од едукаторите ќе биде и Paul van Casteren, професионалец кој работи со менаџери од мултинационални компании и воедно главен менаџер за човечки ресурси во една од водечки компании во ВБ.

Процес на селекција: Триаголник бара двајца млади, мотивирани, неодамна дипломирани, професионалци или пак студенти, на возраст од 20-25 години. Заинтересираните кандидати можат да аплицираат испраќање на мотивациско писмо и CV, на obuki@triagolnik.org.mk најдоцна до 10ти јуни. Доколку ви се потребни дополнителни информации пред да аплицирате, побарајте не на: 071 247 202.

За оваа тренинг програма избраните двајца учесници ќе биде потребно да платат партиципаја од 250 евра, која е воведена со цел да се обезбедат најдобрите услови за одржување на тренинг програмата, како што се сместување, храна и социјална програма.

Трошоците за виза како и патните трошоци ги покрива организаторот MomentumWorld.

Корисни линкови со информации за програмата: http://www.momentumworld.org/programmes/international-leaders/ and http://www.momentumworld.org/momentum-films/

Project-info-LeadershipEmployability-2015.pdf

Континуирана работа со Завод за социјални дејности

По минатогодишното направено стратешко планирање со заводот за социјални дејности, во изминатиов период се работеше на подготовка на оперативните планови за достигнување на утврдените стратешки цели како и мониторирање на самата иплементација на оперативните планови.

Во текот на подготовката на оперативните планови активно учествуваше целиот клучен тим на заводот, составен од стручни професионалци кои со поддршка од тимот на Триаголник успеаа да создадат функционални планови. Мониторирањето од страна на Триаголник, на реализацијата на утврдените планови ќе се врши и понатаму со тоа што заводот ќе добива континуирана поддршка во насока на примена на механизми за следење и проценка на реализираните активности. Воедно, започнати се процесите на стратешко планирање во институциите: Дом за доенчиња и мали деца „Мајчин Дом“, Ранка Милаховиќ и 25 Мај.

повик за волонтери

Можност за волонтирање во Триаголник!

Центар за неформално образование Триаголник објавува оглас за регрутација на волонтери.
Можат да аплицираат сите студенти кои имаат слободно време и кое сакаат продуктивно да го исполнат, преку зајакнување на нивните професионални капацитети. Избраните кандидати ќе имаат кратка обука пред почетокот на волонтирањето.

Кандидатите треба да поседуваат:

  • основни комуникациски вештини
  • способност за тимска работа
  • мотивација за стекнување на нови знаења
  • почитување на зададени рокови
  • солидно познавање за работа со компјутер
  • солидно познавање на англиски јазик

Кандидатите потребно е да бидат достапни во периодот од 8 до 16 часот, да не се постари од 25 години и да не се во постојан работен однос.

Сите заинтересирани, можат да аплицираат со испраќање на CV и мотивационо писмо на marija.samardjioska@triagolnik.org.mk  (опционо kosta.eftimov@triagolnik.org.mk ) најдоцна до 10ти март.

Мотивационото писмо треба да содржи појаснување за:

  • Мотивацијата на кандидатот за волонтирање во Триаголник
  • Придобивките кои кандидатот би ги имал од волонтирањето

Ќе бидат контактирани само оние кандидати кои ќе влезат во потесниот круг на изборот.

На избраниот волонтер/волонтери ќе му биде исплатена соодветна финансиска надокнада за пат и хранарина утврдена со законот за волонтери.

10923546_10152546929011965_1282906266781309673_n

Со застапување и лобирање до суштински општествени промени

Завршија активностите од шестмесечниот проект „Програма за застапување и лобирање за млади Роми активисти во граѓански организации“. Главна цел беше да се зајакнаат капацитетите на младите Роми, активисти од граѓанските организации кои работат со млади, за лобирање и застапување, за во иднина да бидат подготвени да иницираат одржливи интервенции базирани на правата на нивната целна група. Целта беше постигната преку спроведување на обуката за застапување и лобирање на која учествуваа 15 млади активисти од граѓански организации, практичната задача преку која ги утврдуваа стекнатите знаења, споделување на знаењето во нивните матични организации, директна средба со локални власти и прирачник во кој се содржани основите на лобирањето и застапувањето.

Методологијата на неформално образование и овој пат даде исклучителни резултати и придонесе учесниците да станат свесни за потребата од спроведување на активности за лобирање и застапување во насока на креирање општествени промени. Додека ги градевме капацитетите на активистите од граѓанските организации, внимавме и на репродукција на стекнатото знаење во организациите од каде тие доаѓаат. Начинот на кои тие го споделуваа знаењето зависеше од нивниот избор, на пример дел од нив организираа посебни средби со своите колеги на кои ги нагласија клучните елементи од застапување и лобирање кои се важни за нивната работа. Сега и останатиот дел од вработените во организациите ги имаат потребните вештини и алатки за искористување на застапувањето и лобирањето во насока на развивање на национални политики.

Успеавме да ја промениме свесноста за потребата од креирање на функционални, стратешки партнерства со други граѓански организации, но и партнерства со локалните власти, за да се создадат можности за креирање на поголемо општествено влијание при спроведување на активности за лобирање и застапување. Преку работилницата која што ја организиравме, ги седнавме на иста маса граѓанските организации и претставници од локалните власти на која беа разгледани можните подобрувања на локално ниво за поголемо општествено младинско учество. Прирачникот за застапување и лобирање, внимателно беше подготвуван и е базиран на теренските искуства и одличен придружен материјал кој младите и организациите можат да го користат во иднина, при спроведување на активности во насока на лобирање и застапување.

Со имплементацијата на овој проект, Центар за неформално образование Триаголник ги продолжи своите заложби за градење на капацитетите во граѓанскиот сектор кој ги застапува интересите на различни целни групи.
Овој проект е поддржан од Европската Младинска Фондација (EYF).

IMG_17891

Партнерства за развој и Финансиска Одржливост – Индија

На 4ти, 5ти и 7ми ноември, се одржа обуката: Партнерства за развој и Финансиска Одржливост, која беше дел од проектот Интегративен пристап за одржливост, поддржан од AdoptionsCentrum, од Шведска.

Групата беше составена од вработените во Prayas- Juvenile Aid Centre и Naz Foundation, од Њу Делхи, Индија. Дел од нив беа едукатори, а останатиот дел беше менаџерскиот тим на организациите, вкупно 25 учесници.

Главно акцентот на обуката беше ставен на градење на капацитетите за креирање на партнерства за развој, знаења и вештини од областа на идентификување, етаблирање и одржување на партнерства, преговарање како врзувачки елемент насочен кон подигнување на самодовербата, со цел реализиација на зацртраните цели. Комбинацијата од вежби и внимателно дозиран теоретски инпут, повторно се покажа како успешна во процесот на учење на применливи вештини, особено развивајќи ги оние клучни вештини кои што ги направија спремни учесниците за примена на истите дури и во нивниот приватен живот. Делот од обуката за Финансиска Одржливост беше особено корисен за оние кои активно работат на прибирање на средства во организациите. Воедно сите останати можеа да научат како тие како индивидуи можат да придонесуваат кон градење на финансиската одржливост.

Групата беше исклучително активна во процесот на учење, споделуваа професионални и лични искуства со остатаните членови на групата, со ентузијазам ги прифаќаа дадените задачи, учествуваа активно во дискусиите.

Повеќе слики може да видите на нашата facebook страна.

Одржливи интервенции на локално ниво за интеграција на младите Роми

На 11.11.2014г. ќе се одржи работилница на тема Улогата на локалната заедница и ромските здруженија на граѓани во остварување на одржливи интервенции на локално ниво за интеграција на младите Роми, која е дел од проектот Програма за застапување и лобирање за млади Роми активисти во граѓански организации, поддржан од Европска младинска фондација.

Работилницата ќе ја посетат преставници од општините каде делуваат организациите кои се вклучени во овој проект, а тоа се општина Куманово, Општина Тетово и Општина Шуто Оризари, како и претставници од Град Скопје.

Целта на еднодневната работилница е да се разгледаат можности за соработка помеѓу организациите и општините во насока на подобрување на положбата на младите Роми на локално ниво, а ќе бидат презентирани и можности за прибирање на средства како и придобивките од меѓусебното партнерство во овој процес.

Повик за учество на обука за застапување и лобирање

Центар за неформално образование Триаголник, со поддршка на European Youth Foundation, го спроведува проектот Програма за застапување и лобирање за млади Роми, активни во граѓанскиот сектор.

Во моментов се одвиваат информативни средби со граѓанските организации и во тек е процесот на селекција на учесници за бесплатната обука.

За таа цел ве повикуваме да номинирате преставници од вашата организација да земат учество во програмата.
Условите за учество се следниве:

  • учесниците во програмата да бидат од Ромска националност, до 25 години (можни се извесни отстапки до 30г), подготвени активно да се вклучат во сите фази на програмата;
  • младите да бидат активни членови во организацијата која ги номинира;
  • организацијата која нoминира да работи со млади Роми на територија на Скопје и Куманово и да биде подготвена да им обезбеди услови на учесниците кои ги номинирала да го пренесат стекнатото знаење на останатите членови во нивната организација.

Пријавувањето на учесниците трае до 5 септември, со пополнување на апликација за учество и испраќање на: elena.dzartovska@triagolnik.org.mk 

Обуката е бесплатна. Патните трошоци за предавањата ќе бидат подмирени во висина на автобуски билет. За секој од учесниците предвиден е еден оброк и кафе пауза. На крајот на програмата учесниците и организацијата добиваат прирачник за застапување и лобирање. Секој учесник добива сертификат по успешно завршување на сите фази од програмата (обука-пренос на знаење- практична работа).

Работен јазик е македонски, а предавањата ќе се одвиваат во Скопје.

Деталната програма за обуката можете да ја преземете тука.

Проектот има три фази кои ќе се спроведат од Септември-Декември 2014г.:

  • Бесплатна 3-модуларна обука за застапување и лобирање за млади Роми активни во граѓански организации и еднодневна работилница со локални власти;
  • Пренос на знаењето од обуката во организацијата која ги праќа учесниците;
  • Практична работа, развивање на предлог кампањи за застапување и лобирање, кои ќе се работат под менторство на искусни ментори;

Подетални информации може да добиете на: elena.dzartovska@triagolnik.org.mk

Први дипломирани младински работници!

На 14.06.2014 на Универзитет на Југоисточна Европа, се одржа свеченото доделување на дипломите на студентите по Лидерство и младинска работа. За време на овие тригодишни студии, студентите се стекнаа со компетенции, знаења и вештини, од различни области, како работа со индивидуи, работа со групи, работа со адолесценти како и конкретни знаења и вештини по предметите за младинска работа (младинска работа и општеството, здравјето и младинската работа итн).  Целосната програма на студиите за Лидерство и младинска работа во заедницата можете да ја видите тука.

Програмата за овие додипломски студии по младинска работа е креирана врз основа на истражувања, анализи за потребите на младите, земајќи ги во предвид најгорливите проблеми и предизвици со кои се соочуваат младите луѓе во Македонија.

На оваа студиска програма напорно работеа Центар за неформално образование Триаголник во соработка со Универзитетот на Југоисточна Европа, Универзитет Јончепинг од Шведска во консултации со Универзитетот од Болоња и Универзитот од Љубљана и истата беше акредитирана во 2010та година.

Младинските работници се професионалци кои ги имаат потребните знаења, вештини и компетенции да можат да им обезбедат структуирана поддршка на младите луѓе преку која тие ќе си го најдат своето место во средината,  многу полесно и многу побезболно, што би значело соодветно вложување и грижа за младите луѓе кои се иднината на секоја држава. Овие професионалци се потребни во секоја институција, организација која работи со млади луѓе.