Со застапување и лобирање до суштински општествени промени

Завршија активностите од шестмесечниот проект „Програма за застапување и лобирање за млади Роми активисти во граѓански организации“. Главна цел беше да се зајакнаат капацитетите на младите Роми, активисти од граѓанските организации кои работат со млади, за лобирање и застапување, за во иднина да бидат подготвени да иницираат одржливи интервенции базирани на правата на нивната целна група. Целта беше постигната преку спроведување на обуката за застапување и лобирање на која учествуваа 15 млади активисти од граѓански организации, практичната задача преку која ги утврдуваа стекнатите знаења, споделување на знаењето во нивните матични организации, директна средба со локални власти и прирачник во кој се содржани основите на лобирањето и застапувањето.

Методологијата на неформално образование и овој пат даде исклучителни резултати и придонесе учесниците да станат свесни за потребата од спроведување на активности за лобирање и застапување во насока на креирање општествени промени. Додека ги градевме капацитетите на активистите од граѓанските организации, внимавме и на репродукција на стекнатото знаење во организациите од каде тие доаѓаат. Начинот на кои тие го споделуваа знаењето зависеше од нивниот избор, на пример дел од нив организираа посебни средби со своите колеги на кои ги нагласија клучните елементи од застапување и лобирање кои се важни за нивната работа. Сега и останатиот дел од вработените во организациите ги имаат потребните вештини и алатки за искористување на застапувањето и лобирањето во насока на развивање на национални политики.

Успеавме да ја промениме свесноста за потребата од креирање на функционални, стратешки партнерства со други граѓански организации, но и партнерства со локалните власти, за да се создадат можности за креирање на поголемо општествено влијание при спроведување на активности за лобирање и застапување. Преку работилницата која што ја организиравме, ги седнавме на иста маса граѓанските организации и претставници од локалните власти на која беа разгледани можните подобрувања на локално ниво за поголемо општествено младинско учество. Прирачникот за застапување и лобирање, внимателно беше подготвуван и е базиран на теренските искуства и одличен придружен материјал кој младите и организациите можат да го користат во иднина, при спроведување на активности во насока на лобирање и застапување.

Со имплементацијата на овој проект, Центар за неформално образование Триаголник ги продолжи своите заложби за градење на капацитетите во граѓанскиот сектор кој ги застапува интересите на различни целни групи.
Овој проект е поддржан од Европската Младинска Фондација (EYF).

Pin It